Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Раул Гонзалес утрово пред заминувањето на Светското првенство го објави и официјалниот список на ракометари кои ќе патуваат за Германија и Данска.

Во конечниот избор на селекторот нема премногу изненадувања. Веќе од вчера беше јасно дека Македонија на Мундијалот ќе настапи само со едно лево крило, а тоа е Дејан Манасков, откако се повреди Димитар Димитриоски на последниот тренинг. Од голманите отпадна Мартин Томовски, додека на СП ќе патуваат Борко Ристовски, Никола Митревски и Златко Даскаловски.

Шанса за настап ќе добијат и младите Мартин Серафимов, Марио Танкоски и Милан Лазаревски од Металург, како и ракометарите на Еурофарм, Горан Крстевски и Филип Чурлевски.

Македонската репрезентација денеска заминува за Минхен и тоа со лет преку Загреб. Таму нашата репрезентација ќе се сретне со еден од нашите ривали во групата, Хрватска и со ист авион ќе пристигнеме во германскиот град.

Ракометниот Мундијал започнува на 10 јануари, а Македонија првиот натпревар во групата го игра на 11 јануари против селекцијата на Јапонија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.