Ракометната репрезентација на Македонија како прва резерва денеска доби повик да учествува на СП во Египет, откако Чешката ракометна федерација објави дека оваа селекција поради голем број на позитивни случаи на коронавирус нема да може да настапи на претстојниот мундијал.

Ова практично значи дека „црвено-жолтите“ ќе го заземат место на лутиот ривал од последните десетина години, па ќе бидат дел од групата Г заедно со домаќинот Египет и со селекциите на Шведска и на Чиле.

Македонија првиот меч на СП 2021 ќе го игра против Шведска на 14 јануари, два дена подоцна е дуелот со Египет, а за 18 јануари е закажана пресметката со Чиле, ривал што двапати го совладавме месецов на пријателски натпревари во Скопје.

Избраниците на селекторот Данило Брестовац беа во исчекување на оваа одлука и бидејќи го имаа статусот на прва резерва, тие се тестираа на коронавирус и резултатите беа негативни.

Трите натпревари Македонија ќе ги игра од 19 часот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.