Македонската машка ракометна репрезентација го доживеа првиот пораз на Светското првенство (СП) кое е во тек во Германија и во Данска откако вечерва беше поразена од Хрватска со 22-31.

За жал, Хрватите беа пресилни за „црвено-жолтите“ кои не успеаја да фатат приклучок во неколку моменти кога имаа шанса. Резултатот не е вистинска слика за она што се случуваше на теренот во Минхен. До 55. минута се уште бевме во игра за добар исход, но техничките грешки, грешки во нападот и промашени зицери, и одличниот голман Марин Шего ја одалечија Македонија од поволен резултат.

На теренот се одвиваше вистинско надмудрување меѓу селекторите на Македонија и Хрватска, Раул Гонзалес и Лино Червар и играта „седум на шест“.

Дејан Манасков беше прв стрелец на Македонија со шест гола, еден повеќе од Кире Лазаров, а Кузмановски, Талески и Пешевски по три пати се запишаа меѓу стрелците. Кај Хрватска најдобар стрелец беше Дувњак со шест погодоци, а треба да се истакне и дека кај противникот во игра воопшто не влезе Лука Циндриќ.

Утре е слободен за избраниците на Раул Гонзалес. В среда тие ќе ги одмерат силите со фаворитот Шпанија, а останува за нас мечот со Исланд кој ќе решава дали Македонија ќе се пласира во втората фаза од Мундијалот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.