Поранешни соиграчки од Кометал за „Фокус“ раскажаа за ненадејната смрт на нашата поранешна ракометна репрезентативка Јулија Портјанко Николиќ, која на свои 38 години, почина од срцев удар.

Јулија имаше тежок период зад себе, бидејќи подолг период се обидуваше да го оствари својот сон, да стане мајка. Знаеме дека имаше обиди за ин витро, и имаше моменти кога беше навистина тажна. Но, пред неколку години го отвори ресторанот „Брискет бар”, нештата беа добри, таа беше исполнета со позитивна енергија, си функционираше најнормално. Пред две недели се видовме, ништо не навестуваше дека има здравствени проблеми, се беше во ред, раскажува нејзина блиска поранешна соиграчка за „Фокус“, додавајќи дека сите од Кометал се многу потресени и не можат да се совземат од веста.

Појаснува дека Јулија заедно со сопругот и со уште еден пар заминале во соседна Грција за продолжениот викенд. Во близина на Велес и се слошило и запреле со автомобилот.

Запреле кај бензинска станица и таа паднала во бесознание. Другарка и ѝ пружила прва помош, се свестила за кратко, ја вратиле, но потоа повторно се изгубила. Сите обиди им биле безуспешни, не можеле ништо да сторат. Кога дошла брзата помош констатирале смрт, срцев удар. Беше многу борбена, многу силна жена, единка на нејзините родители. Во шок сме сите, во неверување, раскажа нејзина соиграчка од времето кога беа активни во ракометот и нижеа успеси.

Околу шпекулациите кои се појавија на социјалните мрежи кај нас, но и во Хрватска, каде се објави веста за нејзината смрт, и прашањата од јавноста дали евентуално била позитивна на ковид или пак неодамна вакцинирана, вели дека нема ништо од тоа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.