Со мечот со Украина вечерва во 20,30 часот (пренос на „ТВ Телма“), македонската машка ракометна репрезентација го почнува својот настап на Европското првнество (ЕП). Ова е шесто учество на најдобрите македонски ракометари на завршницата на континентаните натпреварувања. Во историјата стои запишано петто место од ЕП во 2012 година во Србија, што е воедно и најдобар пласман на македонските ракометари на едно првенство.
Домаќини на 14. ЕП се три земји, Австрија, Шведска и Норвешка. Македонија игра во Виена. Ова е прво континентално натпреварувања со 24 репрезентации.
Селекторот Данило Брестовац за Австрија ги избра: Борко Ристовски (Бенфика), Никола Митревски (Еурофарм Пелистер), Мартин Томовски (Лудвигсхафен), Дејан Манаскон (Веспрем), Бојан Маџовски (Еурофарм Пелистер), Филип Талески (Балинген), Филип Кузмановски (Магдебург), Горан Крстевски (Линц), Мартин Велковски (Еурофарм Пелистер), Кирил Лазаров (Нант), Мартин Серафимов (Металург), Марио Танкоски (Металург), Марко Мишевски (Гренобл), Гоце Георгиевски (ЧСМ Букурешт), Мартин Поповски (Пролет 62), Стојанче Стоилов (Вардар), Жарко Пешевски (Битенелд/Штутгарт) и Никола Маркоски (Еурофарм Пелистер).
Резерви од нив во првата фаза на турнирот ќе бидат голманот Томовски и десниот бек Серафимов.
Големиот број македонски навивачи кои ќе ја бодрат македонската ракометна репрезентација во Виена ќе имаат свое место за собирање пред и по дуелите. Во фан зоната најава за доаѓање има и од македонските иселеници кои живеат во Австрија, Швајцарија, Германија,…
Локалот на мак-фан зоната се наоѓа на следната адреса: LERCHENFELDER GÜRTEL 15 1160 WIEN.
Европското првенство во Австрија, Шведска и Норвешка е 14. по ред, но и прво што обединува 24 репрезентации. Одлуката за реформа на турнирот беше донесена на Конгресот на Европската ракометна федерација (ЕХФ) во Даблин во септември во 2014 година.
Градови домаќини на ЕП 2020 се Виена и Грац (Австрија), Трондхајм (Норвешка) и Гетеборг, Малме и Стокхолм (Шведска) каде ќе се игра и финалето на 26 јануари.
Учесниците на ЕП 2020 се поделени во шест групи по четири тима. Најдобрите два од секоја конкуренција ќе продолжат во втората фаза. Доколку тимовите имаат идентичен број на бодови, прв фактор за позиционирање ќе биде меѓусебниот скор, потоа гол разликата меѓу нив, па бројот на постигнати голови и на крај, ако биде потребно, и вкупната гол разлика.
Од најдобрите 12 селекции од прелиминарната рунда, ќе се формираат нови две нови групи по шест тима во т.н. „главна фаза“. Во едната ќе влезат селекциите во горниот дел на табелите во групите А, Б и Ц, а втората ќе биде составена од членови на групите Д, Е и Ф.
Преносот на бодовите ќе биде по стандардниот систем од претходните натпреварувања. Во полуфинале ќе се пласираат најдобрите две репрезентации од групите во главната фаза, а третопласираните ќе играат за петто место.
Местата на најголемите ракометни смотри се ограничени, па многу репрезентации од ЕП 2020 нема да можат до пласман на Олимписките игри во Токио ова лето и на Светското првенство во Египет догодина. Олимписка виза е резервирана само за новиот европски шампион, а носителите на сребро и бронза од овој шампионат, ќе осигураат директно учество на мундијалот.
Македонскиот ракомет, покрај репрезентација, на ЕП 2020 ќе има и своја судиска двојка Ѓорѓи Начевски и Славе Николов за кои ова е петти европски шампионат.
ЕП 2020 – денеска играат
Група Б (Виена)
Чешка – Австрија (18.15 ч.)
Македонија – Украина (20.30 ч.)
Група Д (Трондхајм)
Франција – Португалија (18.15 ч.)
Норвешка – БиХ (20.30 ч.)
Група Ф (Гетеборг)
Словенија – Полска (18.15 ч.)
Шведска – Швајцарија (20.30 ч.)
Синоќа играа
Група А (Грац)
Хрватска – Црна Гора 27:21 (12:13)
Белорусија – Србија 35:30 (16:15)
Група Ц (Трондхајм)
Шпанија – Летонија 33:22 (14:11)
Германија – Холандија 34:23 (15:13)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.