Македонската ракометна репрезентација загуби на гостувањето во Каиро со 32-25 (12-10) во првиот од двата натпревари против Египет во рамки на ЕХФ неделата резервирана за меѓународни контролни натпревари.

Избраниците на селекторот Кирил Лазаров одржуваа резултатска неизвесност до 42. минута, кога домаќините со серија од 4-0 стекнаа предност од 23-18, која до крајот на натпреварот беше недостижна.

Најефикасни во македонските редови беа Филип Талевски со шест и Филип Кузмановски со четири голови, додека голманот Никола Митревски имаше 11 одбрани.

Македонските ракометари ќе имаат шанса за реванш против истиот противник утре во Каиро со почеток во 17 часот.

Двомечот против Египет е во рамки на подготовките на македонските ракометари за настапот на Европското првенство во 2022 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.