Ракометната репрезентација на Македонија одигра втор натпревар против Кувајт во рамки на подготовките за Европското првенство (ЕП) и прокнижи втора победа, оваа беше доста потешка од претходната на првиот натпревар, извојувана во самиот финиш (22-21).
За разлика од претходниот натпревар, Кувајт тргна во вториот дуел во Маврово подобро од нашиот национален тим. Ривалот од Азија имаше 3-5 на почетокот, меѓутоа потоа тимот на Лазаров се разбуди од стартниот шок и го сврте мечот во своја корист и поведе со 6-5. Но, со два гола во низа, Кувајт повторно ја презеде играта (6-8) и таа позитива константно се одржуваше.
Во еден период беше и 9-12, а со два брзи гола Македонија обезбеди минимална негатива на полувремето (11-12). Стартот на второто полувреме донесе две шанси за „црвено-жолтите“ да изедначат, но не успеаја во тоа. Кувајт потоа пак се одлепи на највисоки 11-15 и оттогаш Македонија само бркаше. Во 45. минута резултатот гласеше 15-18 за гостинот, па во два наврати Македонија дојде на минус еден, кога беше 18-19, па 19-20, слично беше и на 100 секунди пред крајот (20-21), но во последните секунди Македонија беше подобра и со два врзани гола ја осигура победата.
Најдобар кај стрелците беше Ѓоргиев со шест гола, пред Костески и Маџовски со по четири реализации. Талески, Георгиевски и Стоилов стрелаа по два пати. Кај голманите, Томовски имаше одличен натпревар со осум одбрани, плус, тој го одбрани нападот за реми на Кувајт на крајот, додека Митревски фати шест топки.
За македонската експедиција сега следи враќање во Скопје, каде следат две пријателски натпревари со Израел кои ќе бидат „генералка“ пред настапот на Европското првенство (ЕП) на кое нашиот национален тим е во група со Данска, Словенија и Црна Гора.
Извор: Гол
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.