Kапитенот на македонската ракометна репрезентација, Кире Лазаров, со Нант, ќе игра на завршниот турнир во Лига на шампиони откако неговиот тим во четврт-финалето го елиминира Веспрем.

Нант загуби со 32:30 во реваншот во Унгарија, но победата од четири гола од првиот натпревар (32:28) беше доволна за францускиот тим и Лазаров да обезбедат пласман на завршниот турнир во Келн.

На унгарскиот тим не му помогна ни публиката во Веспрем Арената иако по првото полувреме имаше предност од три гола (18:15). Во воедните минути од вториот дел, Веспрем дојде и до 20:16, но потоа следеше серија од 0:4 на Нант со која израмни на 20:20, а потоа и поведе со 23:25. Во финишот, Лазаров постигна три од петте последни голови за својот тим кој успеа да го елиминира Веспрем.

Лазаров постигна четири гола за својот тим, а одлична партија прикажаа и Балагер со шест и Гурбиндо и Печмалбек со по пет постигнати голови, додека кај Веспрем Петар Ненадиќ даде седум гола.

Нант така им се приклучи на Алборг и на ПСЖ на завршниот турнир, а последниот патник на Фајнл-фор турнирот е Барселона која и во двата натпревари ја оправда улогата на фаворит против Брест Мешков. Во реваншот што се играше во Барселона, Каталонците славеа со убедливи 40:28. .



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.