Дека годините се само бројка, македонската ракометна легенда Кирил Лазаров покажа и на вечерашното гостување на неговиот Нант кај ГОГ во меч од 5. коло од Лига Европа, откако постигна гол на десет секунди до крајот вреден – голем бод (29-29).

Неговиот погодок потоа беше зачинет со одлична одбрана на голманот на францускиот тим, како дополна на одличниот впечаток. Нант лесно можеше и до целиот плен, со оглед што водеше во поголемиот дел од средбата, на момент и со плус четири (24-20), но на крајот мораше на сцена да стапи 41-годишниот ветеран.

Македонецот настапи само во второто полувреме, но тоа не го спречи средбата да ја заврши со пет голови и три асистенции, меѓу кои и најважниот за избегнување пораз на жешкиот терен во Данска. Нант и ГОГ сега имаат по седум бодови на втората и третата позиција во групата Б, со еден бод помалку од лидерот Лемго, кој исто така вечерва го совлада Чеховски Медведи (30-27).

Преземено од Спорт


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.