Ракометната репрезентација на Македонија најавува фантастично деби за Кире Лазаров како селектор. На полувреме во дуелот против актуелниот светски шампион Данска, македонските ракометари на полувреме заминаа со предност од 17-13.
До таква предност нашите ракометари стигнаа со повеќе од позитивен почеток на мечот по што во петтата минута имавме предност од 4-2. Одличен во нападот беше Филип Талевски кој реализираше два гола со шут од далечина, на голот две одбрани имаше Митревски.
Во продолжение во игра гол за гол, во 11. минута со голот на Пешевски македонската селекција дојде до предност од 6-4, а потоа со голот на Манасков и до 7-5. Но, во 15. минута Данците израмнуваат на 7-7. Сепак, во игра влегува и селекторот Кире Лазаров кој најпрво извонредно асистира за гол на Талевски, а потоа и самиот погодува од девет метри за 9-7.
И во 20. минута Македонија дојде до најголемата предност до тој момент, три гола разлика, 11-8 со голот на Пешевски. Во следниот напад Митревски дојде до шестата одбрана а на спротивната страна Филип Талевски со прекрасен лоб-удар носи 12-8.
Одлични потоа и последни минути од првото полувреме во кое, гол низ гол, се стигна до 17-13 на полувремето.
Феноменален на голот е Никола Митревски кој има девет одбрани по првото полувреме, а Филип Талевски е со четири погодоци по првите 30 минути.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.