Mомците на Писонеро успеаја да победат во самиот финиш на драматичниот дуел во Запорожје. Вардарци се враќаат од Украина, од гостувањето кај Мотор со 30:31.

По првото полувреме европскиот првак имаше негатива од два гола, а со оглед дека имаше само две голмански интервенции во првиот дел може да биде и задоволен од резултатот по првите 30 минути.

Украинскиот шампион и на овој натпревар се покажа како тврд орев, направи серија од 5:0 што му овозможи во 10 минута да има највисоки четири голови предност (10:6).

Вардарци одлично го започнаа второто полувреме, во кое со головите на Чупиќ и Калараш го свртеа резултатот во своја корист и поведоа со 18:19. Киреев влезе во низа одбрани, благодарение на кои домашниот тим успеа да поведе со 23:22 во 44 минута од дуелот, додека две минути исклучување доби Атман во редовите на нашиот првак.

Голема битка се водеше до самиот крај на дуелот. При 30:30 Гедбан одбрани клучен напад за водство на Мотор, тоа во напад го награди Криштопанс за 30:31 на 90. секунди до крајот. Ривалите не реализираа, нашата клупа побара тајм-аут на 24. секунди до крајот на мечот. Скубе не погоди од чиста позиција, во последниот напад Мотор успеа да реализира од половина терен, но после звукот на сирената.
Во редовите на Вардар 10 голови беа дело на Дибиров, три помалку запиша Криштопанс.

Следниот меч европскиот шампион во ЛШ ќе го има на 12 октомври во СЦ „Јане Сандански“ против Кил со почеток од 17.30 часот. Билетите за новиот ракометен спектакл во Скопје веќе се во продажба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.