Шпанскиот ракометен репрезентативец Едуардо Гурбиндо од наредната сезона ќе го носи дресот на двократниот европски шампион Вардар.
Во интервју за шпанскиот весник „noticiasdenavarra“, светиниколскиот зет ја открива причината зашто се одлучил да се пресели во Вардар. Вели, не било пресудно потеклото на сопругата Елена, туку разочарувањето од францускиот прволигаш.
Јас и Елена разговаравме за тоа и сигурно ќе останевме во Нант, доколку понудата беше фер. Тие ми понудија само едногодишен договор со можност за продолжување на уште една година. Намалувањето на платата исто така играше важна улога во мојата одлука, но тоа не беше пресудно. Потешко ми падна што не веруваа во мене, ми понудија едногодишен договор само за да видат како ќе играм после повредата на коленото и тоа беше многу понижувачки за мене. Во исто време ме контактираше и Вардар и ми понуди тригодишен договор, економски беше исплатливо и кога на сето ова ќе додадам дека мојата сопруга е од Македонија и можеме да уживаме со нејзиното семејство, беше полн погодок. Веднаш отидов и в лице му кажав на претседателот на Нант дека имама понуда од Вардар и дека мојата сопруга е од таму. Доколку во тој момент ми понудеше нешто интересно, јас ќе останев. Но, морам да кажам дека мојот трансфер во Вардар нема никаква врска со коментарите дека мојата сопруга го сакала тоа, изјави Гурбиндо.
Гурбиндо има еден златен медал со репрезентацијата на Шпанија (Хрватска 2018) од Европските првенства, еден сребрен (Полска 2016) и бронза од Данска 2014 година. Едуардо има и една бронза од Светските првенства од Шведска 2011 година. Со Барселона ја има освоено Лигата на шампионите во 2015 година, а на завршниот турнир во Келн играше уште два пати, во 2013 со Барселона и во 2018 со Нант.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.