Фудбалерот на шведски Малме со потекло од Ресен, Ердал Ракип за прв пат е дел од националниот тим. Тој со задоволство ја прифати поканата на селекторот Благоја Милевски и конкурира за настап на натпреварите против Лихтенштајн и Германија.

– Прв пат пред неколку години Благоја Милевски ми понуди да играм за Македонија. Во тој период ми требаше време да размислам. За мене е голема чест што добив понуда да играм за репрезентацијата на Македонија и донесов одлука дека сега е вистинскиот момент да прифатам. Разговаравме со моето семејство и среќен сум што ќе играм во дресот на македонската репрезентација. Македонија е домот за моето семејство и одлуката сега воопшто не беше тешка, изјави Ракип.

Тој смета дека оваа репрезентација има голем потенцијал и очекува да напредува во наредните години.

Ги гледав последните натпревари на македонската репрезентација. Оваа селекција игра добар фудбал, во тимот има многу млади фудбалери кои формираат одлична екипа. Јас имам 25 години, сметам дека веќе сум во зрели фудбалски години и мислам дека во следните неколку години ќе напредуваме. Се обидувам да се вклопам во тимот, но без наметнување, туку улогата да си дојде сама по себе. Оваа репрезентација ќе напредува секоја наредна година. Ништо не доаѓа веднаш. Тимот е млад и желен за докажување.

За претстојните средби Македонецот од Шведска очекува добри игри и ако се пружи шанса, две победи.

– Секој натпревар е тежок. Треба да издвојуваме победа против Лихтенштајн, а потоа не очекува многу тежок меч на домашен терен против Германија. Во фудбалот секогаш има шанса за победа, но треба да се одигра максимално во текот на сите 90. минути. Но, да оставиме времето да покаже, сега сме фокусирани на мечот со Лихтенштајн. Чекор по чекор и секогаш да се стремиме кон победи.

Дуелот со Лихтенштајн е на 8 октомври на гостински терен, додека Германија ќе гостува во Скопје три дена подоцна



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.