Советот на ИХФ го номинираше Чиле за претставник на ракометната конфедерација на Јужна и Централна Америка (СЦАХЦ) на Светското првенство во машка конкуренција кое на стартот на следната година ќе се одржи во Египет (13 до 31 јануари).

Со номинацијата на Чиле, Македонија и официјално ја загуби и последната шанса со вајлд-карта да дојде до настап на светскиот собир. Чилеанците го пополнија последното 32. Место за Мундијалот во Египет.

Квалификациите од овој дел на светот преку кои на спортски начин требаше да се обезбеди учесникот на СП требаше да се одржат од 4 до 7 ноември во Флорида со учество на Уругвај, Чиле, Парагвај, Колумбија и Салвадор, но тешкотиите предизвикани од пандемијата со КОВИД-19 доведоа до откажување на турнирот и барање за ИХФ да одреди директен учесник според досегашните рејтинзи. Среќата ги послужи Чилеанците.

Чиле ќе им се придружи на Египет, Шведска и Чешка во групата „Г“ на СП во Египет 2021 година и ќе ја има честа да го отвори првенството, против домаќинот во Каиро на 13 јануари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.