Македонскиот репрезентативен пикер и иконата на Вардар, Столе Стоилов е заразен од коронавирус, откри тренерот на црвено-црните Стевче Алушовски, четири дена пред дуелот со Нексе во четвртфиналето во СЕХА-лигата.
Новиот вирус се појави во таборот на актуелниот европски првак и шампион во регионалното натпреварување, па Алушовски обелодени дека капитенот на црвено-црните е заразениот, што е голем хендикеп за мечот со Нексе, зашто Стоилов е многу важна алка во нападот на тимот.
Стоилов ќе ни недостига многу, зашто е важна алка во нападот, а тој дел од екипата засега ни е најслаб – вели Алушовски.
Вардарци ги очекуваат резултатите од тестирањето после појавата на коронавирус и се надеваат дека сите останати играчи се негативни за да ги продолжат подготовките за пресметката преку која посакуваат фајнлфор и шанса да го бранат трофејот во Задар на завршниот турнир закажан за идната недела.
Се надевам дека сите ќе бидеме здрави, ги чекаме резултатите. Прво тоа, па сѐ друго – додава Алушовски.
Поразите во подготвителните мечеви не го загрижуваат Алушовски, кој пред Нексе посочува дека тимот е подобар од меч во меч, но дека треба време после создавањето на новиот тим да се воигра екипата, а новите ракометари да ги научат акциите и играта да добие на течност
Недостатокот на Стоилов ќе биде голем, најмногу за нападот, зашто имаме многу нови ракометари, на кои им треба време додека ги научат акциите и додека играта добие на течност. Има уште неколку што се жалат на помали повреди, кои не играа ни сега со Еурофарм Пелистер и Металург како Дисингер, Јотиќ, Георгиевски, но не е ништо сериозно за да не играат со Нексе. Сметам дека сме подобри од меч во меч, без оглед на поразите во пријателските мечеви. Нексе имаше одлични подготовки и секако дека ќе сакаат да го искористат моментот во целата оваа ситуација – додава Алушовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.