Вчера вечер претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, присуствуваше на настанот „Најдобрите спортисти за 2020 година“, организиран од Агенцијата за млади и спорт, предводена од директорот Наумче Мојсовски.

Во обраќањето премиерот Заев им честиташе на спортистите и спортистките за сите постигнати успеси и признанија укажувајќи дека во него треба да гледаат како на искрен пријател кој сака да го  поддржи спортот.

Покрај постоечките финансиски средства коишто федерациите и спортот ги добиваат од Агенција за млади и спорт, Владата обезбеди можност за дополнителни 10 милиони евра за развој на македонскиот спорт преку модифициран и приспособен ваучерски систем.

Ваучерите станаа системска мерка и секоја година расте интересот за овој начин на поддршка на спортистите. Разликите сами по себе говорат: Во 2020 година 677 компании донирале 547,7 милиони денари за разлика од 2019 кога 639 фирми донирале 492,9 милиони, изјави Заев.

Тој истакна и дека ќе бидат разгледани можностите за законско решение со кое ќе се регулира и стажот на спортистите. Дека се воведува родова еднаквост во спортот со претензија да расте бројот на жените во органите на управување во спортските организации, почнувајќи од најмалку 30% во 2020 година, до 50% до 2024 година.

Сакам да ве уверам дека моето присуство на оваа ваша свеченост не е прашање на протокол. Сакам да ве уверам дека во Владата и во мене имате искрен пријател и дека моето присуство на оваа ваша свеченост е да ви ја потврдам определбата на актуелната Влада уште од 2017 година, дека заедно со вас правиме сѐ што е потребно спортот да биде во рацете на спортистките и спортистите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.