Здравствената состојба на норвешкиот ски-скокач Даниел Андреј Танде, кој претрпе сериозен пад на Планица во четвртокот, е стабилна и се наоѓа во болница во Љубљана.

„Најновата медицинска прогноза е добра, се надеваме дека утре ќе биде уште подобро и дека веќе ќе може да разговара со нас. Беше навистина тешко, беше во многу лоша состојба по падот“, изјави Клас Бреде Братен, спортски директор на норвешката репрезентација во ски-скокови.

Братен ја посочи брзината на помошта која му беше дадена на Танде, кој беше во болница во Љубљана само 59 минути по падот.

Танде скокна со брзина од 94 км/ч, но притоа загуби контрола над скиите и падна на главата, а несреќниот Норвежанец потоа се тркалаше до самата цел, а сцените беа ужасни за гледање.

Докторите веднаш му помогнаа на Танде и го префрлија во болница, каде што била констатирана повреда на вратот и лекарите морале да го стават во вештачка кома за да ја намалат можноста за оштетување на неговиот мозок.

За повредите на Норвежанецот, раководителот на здравствената служба во Планица, Томислав Мирковиќ, рече дека има многу претреси.

Еден од најморничавите падови во последните сезони од натпреварувањата во скијачки скокови ги „замрзна“ малкуте гледачи на тренингот и членовите на тимовите, кои можеа само да гледаат во тензично исчекување додека лекарите му укажуваа помош на Танде и го префрлаа со хеликоптер во болница во Љубљана.

Според последните извештаи, 27-годишниот норвешки ски-скокач, кој беше светски шампион во скијачки летови и има четири победи во настани од Светскиот куп, е во кома, но неговата состојба е стабилна и лекарите ја следат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.