В недела, на 3 октомври во 8 часот ќе стартува 17. Виз Ер Скопски маратон. Маратонската трка,  полумаратонот и штафетниот маратон – ЕУ за спорт ќе започнат во 8:00 часот, а трката на 5 километри ќе се трча со старт во 8:10 часот. Стартот и целта на трката ќе бидат на платото пред главниот влез на Спортски центар „Борис Трајковски“, соопшти денеска организаторот.

Патеката по која учесниците ќе трчаат ќе биде иста, како и претходната година, ова денеска го најави Кире Синадиновски, директор на Виз ер Скопски маратон, на прес конференцијата и соопшти дека целиот настан ќе биде организиран согласно протоколите одобрени од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

Годинава е вистински предизвик да се организира 17. по ред издание на Виз Ер Скопски маратон, со оглед на ковид протоколите кои мора да се почитуваат. Оваа година ќе имаме околу 7.000 учесници на сите четири трки, маратонот, полумаратонот, штафетниот маратон – ЕУ за спорт и трката на 5км. Пријавени се натпреварувачи од над 40 земји од целиот свет, со што очекуваме одлична трка. Фокусот на овогодинешното издание ќе биде на домашните маратонци, кои ќе се потрудат да ги постигнат најдобрите резултати и да ги срушат сопствените, но и рекордите кои се досега поставени на Скопскиот маратон низ годините, изјави Синадиновски.

Директорот на Виз Ер Скопски маратон изрази огромна благодарност до организаторите на маратонот, Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со Атлетски Клуб „Работнички“, до ко-организаторот Министерство за внатрешни работи (МВР), до покровителите на маратонот, Град Скопје, Делегацијата на Европската Унија, Агенцијата за млади и спорт, како и до сите волонтери кои ќе бидат вклучени во реализацијата на овогодинешното издание.

Исто така, Синадиновски изјави дека сите учесници пријавени на овогодинешното издание на маратонот, со покажување на стартниот број ќе можат бесплатно да го користат јавниот градски превоз во Скопје на ЈСП.

Маратонците Дарио Ивановски и Адријана Поп Арсова истакнаа дека маратонот за нив значи одлична шанса да се покажат пред сопствената публика и да ги срушат поставените рекорди. Поп Арсова кажа дека маратонот за неа значи празник на градот, а според неа најдобро се трча на домашен терен. Дарио изрази огромна благодарност на тимот на Скопски маратон и кажа дека желба за оваа година му е да биде првиот атлетичар кој ќе го сруши досегашниот рекорд на Скопски маратон.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.