Тренерите на новата македонска гордост, Дејан Георгиевски кој на Олимписките игри во Токио освои сребрен медал, се откажаа од паричната награда која Владата одлучи да им ја додели на последната владина седница.
-Владата доделила 20.000 евра за македонската спортска икона Дејан Георгиевски и 10.000 евра за тренерите. Мојот брат д-р Борче Костовски и јас како тренери на олимпискиот сребрен медалист Дејан Георгиевски, апсолутно се откажуваме од премијата што е доделена за нас, секако таа целосно треба да биде насочена кон олимпискиот вицешампион, новата македонска гордост. За нас како тренери во овие моменти доволен е олимпискиот историски сребрен медал (СО ЗЛАТЕН ОТСЈАЈ), пишува на Фејсбук, Дарко Костовски.
Владата денеска соопшти дека донесе одлука на Дејан Георгиевски да му биде доделена парична награда во висина од 1.200.000 денари. На седницата одлучено е на тренерот да му бидат доделени 600.000 денари.
Освојувачот на сребрениот медал во теквондо на ЛОИ Токио 2020 ќе биде награден и со дополнителни 600.000 денари од страна на Агенцијата за млади и спорт, информираа од Владата.
Македонскиот теквондист и донесе сребрен олимписки медал на Македонија во категорија +80 килограми.
Георгиевски загуби во финалната борба од Русинот Владислав Ларин со резултат 15:9, а Мохамед Азми од Египет беше судија на оваа борба. Од Токио се враќа со сребрен медал, а во финалето се пласираше откако во полуфиналето го совлада Кореецот Ин кој го носи прекарот „магионичарот“.
Патот кон олимпискиот медал, Дејан го започна со победата на актуелниот светски шампион Рафаел Алба од Куба, а следуваше и победата над Саиду Гбане од Брегот на Слоновата коска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.