Организаторите на најмасовниот битолски спортски настан, трката „Трчај бе“, го најавија третото издание за 12 септември. Покрај досегашните трки од по пет и 10 километри, годинава ќе се одржи и полумаратон од 21 километар, која ќе биде и Балканско првенство во оваа дисциплина. Со ова „Трчај бе“ за краток временски период покажа дека умее да направи вистински трчачки спектакл кој брзо расте и се развива.
„Трчај бе“ во две години имаше толку рапиден раст, што на нас остана да направиме сé за таквото темпо да продолжи. Очекувањата се ова да биде еден од најголемите и најмасовни спортски настани во Битола и Македонија за 2021 година. Се надеваме дека ситуацијата со пандемијата до септември ќе биде ставена под контрола, па слободно ќе може да примиме претставници од преку 20 држави, целиот балкански атлетски крем, но и сите љубители на трчањето низ Македонија, кои сакаат да трчаат низ улиците во Битола, овај пат освен на 5 и 10, да го направат тоа и на 21 километар. Битола е гладна за спортски настани, а битолчани знаат да се израдуваат и да наградат кога ќе се случи квалитетен настан од ваков тип. Затоа, за третото издание на ТРЧАЈ БЕ, очекуваме цел град да биде или на улиците и да ги бодри тркачите, или на стартната линија на некоја од трките, изјави Никола Димитровски, директор на трката.
Годинава трката е во коорганизација со Атлетската Федерација на Македонија, а меѓународното значење кое трката го добива со организација на дополнителна трка во полумаратон ќе значи и поинаков менаџмент на целиот овој настан.
Балканското првенство претставува огромна можност за нас како Федерација да ја презентираме атлетиката на еден поинаков начин, на едно повисоко ниво во рамките на нашата држава. Но, ова е и шанса да докажеме дека имаме капацитет и можност да организираме и настани од ваков формат. „ТРЧАЈ БЕ“, иако се нова екипа во светот на трките тука кај нас, успеаа за многу краток период да се истакнат како вистински професионалци и да го вратат сјајот на атлетиката во Битола, која има богато минато кога станува збор за овој спорт. Токму затоа, веруваме дека организацијата на Балканското првенство во Битола, во организација на Атлетската федерација на Македонија и „Трчај бе“ ќе биде полн погодок, истакна Александра Војнеска Зикова, претседателка на АФМ.
Без разлика дали сте врвен атлетичар, дали сте спортски активни или само сакате добро да се забавувате, имате шанса на 12 септември да го истрчајте еден од најубавите градови во Македонија. Трката минува и низа старото градско јадро познато по својата архитектура, но и по булеварите кои се составен дел од новата Битола, а да финиширате на познатиот Широк Сокак.
Пријавите за трката наскоро ќе бидат отворени. Овој настан е и настан кој ја шири свеста за здравјето, за здравиот животен стил, преку трчањето како идеален начин за рекреација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.