Тажна вест во стручниот штаб на Новак Ѓоковиќ, Горан Иванишевиќ, најдобриот хрватски тенисер на сите времиња, ги проживува најтешките моменти во животот. Неговата сестра, Срѓана Иванишевиќ (52) почина по долга борба со леукемија.

Горан беше многу поврзан, приврзан и посветен кон Срѓана. Еден од примерите за тоа е дочекот во Сплит во 2001 година по освојувањето на Вимблдон.

„Ова е незаборавен ден“, рече во таа прилика Срѓана додека гордо стоеше до нејзиниот брат.

Популарниот Зец беше решен да стори се што е во негова моќ да ` помогне кога семејството се соочи со тешката болест. Иванишевиќ ја дозна веста на 17 годишна возраст, од татко му, додека се подготвуваше за пат кон Австралија. Замина одлучен да победи и да помогне во лекувањето.

Отидов во Австралија каде најпрво загубив во финалето од квалификациите за место на главниот турнир во Аделаида. Потоа, сепак, успеав да влезам на Австралија опен и станав прв квалификант што стигнал до четврт-финале во Мелбурн. Сиот награден фонд што го заработив во таа прилика го подигнав во кеш што дотогаш го гледав само на ТВ. Од таму отпатував во Белград на меч во Дејвис купот против Данска, а парите ги носев во јакна. Стјуардесата ме праша 16 пати дали ќе ја соблечам јакната, но јас постојано ` велев дека ми е добро“, се присети Иванишевиќ на моментите од пред 21 година.

 

Кога пристигна дома, јакната ја предаде на татко му. Во неа имаше 200.000 куни (околу 26.500 евра) што беа наменети за лекување на Срѓана.

Иванишевиќ, како активен тенисер, ќе остане запаметен по темпераментното однесување, псовките на терен, кршењето рекети, но сите одрекувања на неговите родители и болеста на сестра му направија да биде одлучен во настапите. Го освои Вимблдон на начин на кој не успеал ниту еден негов колега досега, а веројатно и во иднина. На гренслемот во Лондон влезе со вајлд карта и како 125 светски рекет и стигна до големото финале во кое на 9 јули во 2001 година го совлада и Патрик Рафтер.

Медиумите со восхит известуваа за подвигот на Хрватот што „Си-Ен-Ен“ го опиша како „нерешена мистерија“ што приватно беше насочена за помош на неговата сестра за справување со тешката болест што беше дијагностицирана.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.