Шпанската спортска јавност е во шок по веста за смртта на славната олимпијка во алпско скијање, Бланка Фернандез Очоа (56). Нејзиното безживотно тело беше пронајдено на планината Ла Пењота во близина на Мадрид по 11 дена од нејзиното исчезнување. Потрагата по неа беше масовна, семејството веднаш алармира кај службите и не загуби надеж дека ќе биде најдена жива, но на крај ја дозна најлошата вест. „Ел Мундо“ пишува дека Очоа била идентификувана според чевлите за планинарење.

Полицијата не верува дека смртта настапила случајно. На телото немало видливи траги на трауми што се вообичаени за падови и иако било во фаза на распаѓање, сепак, не се забележани хематоми и гребаници.

Рутата по која се движела Очоа важи за едноставна и не е особено тешка за искачување, но врвот на Ла Пењота е нешто понепристапен. Телото е подигнато во близина на видиковец што се наоѓа над каменест предел и голема карпа. Вистинската причина за смртта, сепак, треба да биде позната по обдукцијата.

Фернандез Очоа се натпреваруваше во Светскиот куп во алпско скијање од 1982 година до 1992 година. Притоа забележа четири победи во слалом и во велеслалом и се закити со бронза на Олимписките игри во Албервил во 1992 година.

Шпанската скијачка исчезна на 31 август, а последен пат била видена во супермаркет во Аларкон во близина на Мадрид. Исчезнувањето во полиција го пријави нејзината ќерка, а веќе наредниот ден беше пронајден нејзиниот автомобил во подножјето на планината по што во потрагата по Очоа се вклучија 400 лица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.