Селдин Салиу има 15 години. Доаѓа од Ростуше. Тој е шампион во уметничко лизгање на Италија и Европски шампион во категорија кадети а вечерва ќе го има првиот натпревар под знамето на Македонија!
Тој можеби е единственото дете од Македонија што професионално се натпреварува во уметничко лизгање. Неговите родители Алисан и Сумеја Салиу дошле во Италија од селото Требиште, општина Маврово-Ростуше, а Селдин имал само шест месеци кога стигнале во италијанското гратче Фелтре на северот од Италија каде што се родил и брат му Лиман.
За разлика од своите врсници во селото Требиште, кои се лизгаат на мразот само за забава, младиот Селдин Салиу лизга како вистински професионалец. Неговото лизгање е повеќе од забава, тоа е уметност. Селдин, или како што го викаат другарите Селдо, досега освоил неколку награди во натпреварувањата во уметничко лизгање во Италија. Неговите родители се гордеат што тој е виртуоз на лизгалиштата во Италија. Се сеќаваат на неговите скромни почетоци.
Започна кога имаше пет и пол години со учество на еден мал курс организиран од градинката и од актуелната спортска екипа во уметничко лизгање. Веднаш го засака овој спорт и од тогаш не престана да лизга – вели таткото Алисан.
Тој вели дека уметничкото лизгање е спорт што е најмногу застапен во северна Италија, но на шега вели дека повеќе го сакаат девојчињата отколку момчињата. Селдин е еден од ретките. Тој ги откри своите амбиции и соништа:
Мојот сон е еден ден да станам светски шампион. Секој ден нестрпливо чекам да си дојдам од училиште и да одам на тренинг каде што секојдневно учам некој нов скок – вели малиот Селдо.
Во Македонија, освен блиските роднини и пријателите, безмалку никој не знае дека Селдо е вистински шампион. Неколкупати се качил на шампионскиот пиедестал освојувајќи прво место на натпреварувањата, но најдрага му е една неодамнешна победа.
Посебно драг ми е последниот натпревар во местото Kлаут во близина на Венеција. Успеав да го надминам мојот ривал, кој го чуваше првото место подолг период и наместо него, јас се качив највисоко на подиумот – вели Селдо.
Непознат за македонските медиуми тој во Италија досега неколкупати се нашол на страниците во тамошните весници. Дека е вистински талент потврдува и Иларија Давере, некогашен национален шампион на Италија, а сега актуелен тренер во уметничко лизгање.
Селдин е дете со голем интерес за овој спорт. Секојдневно вложува голем труд, а тоа го потврдуваат и неговите добри резултати. Се надевам дека ќе продолжи со овој ритам, упорност и посветеност со цел да влезе во националната екипа на Италија и да се натпреварува на највисоки нивоа во целиот свет – вели Давере.
извор Балкон3
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.