Карате федерацијата на Македонија (КФМ) ќе биде меѓу најбројните делегации на претстојниот олимписки квалификациски турнир за олимписките игри во Токио, што ќе се одржи од 11-13 јуни во Париз.
КФМ има свои претставници во сите категории во борби во машка и во женска конкуренција, како и во кати за жени.
Нашите најдобри каратисти го заслужија тоа со пласманот меѓу 100 најдобри во своите категории на ранг листата на Светската карате федерација (ВКФ). КФМ во изминатиот олимписки циклус заврши со тројца олимписки стипендисти меѓу кои се двојниот европски шампион и освојувач на две златни медали на премиер лигите Емил Павлов, европскиот вицешампион и медитерански првак Берат Јакупи и Пулексенија Јованоска, која двапати беше петта на европски првенства. Петто место на сениорско европско има и Ангела Мојсовска, а седмо Симона Заборска, додека Петар Заборски и Вероника Костовска се поранешни европски медалисти во помлади категории.
Конкуренцијата ќе биде најсилна досега, затоа што светската елита е поделена во три олимписки категории, од кои пласман на Олимпијадата ќе обезбедат само носителите на златен, сребрен и бронзен медал. Летните олимписки игри ќе се одржат во Токио од 23 јули до 08 август – се наведува во соопштението од КФМ.
На овој Квалификациски турнир ќе настапат 495 натпреварувачи од 98 земји.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.