Претседателот на Владата на Македонија, Зоран Заев, денеска го означи стартот на Европскиот куп во далечинско пливање – трка на десет километри што се плива во водите на Охридското Езеро во рамки на Европската пливачка федерација (ЛЕН).
На бреговите на нашето преубаво Охридско Езеро е од исклучителна важност да имаме ваков тип настани од светски ранг, не само затоа што имаме природна убавина, туку многу повеќе заради тоа што преку вакви настани ја промовираме дрќавата, сето наше природно богатство, стекнуваме пријатели кои ни помагаат убавиот збор за нашиот народ, нашата држава да стигне далеку, рече меѓу другото Заев.
Заев како покровител на трката ги поздрави учесниците на маратонот, упатувајќи пофалба и до Пливачката федерација на Македонија која изминатите неколку години станува бренд во Европа во рамки на Европската пливачка федерација.
Пофалба и до претседателот, Александар Маленко и неговиот тим, кои се заслужни што сме дел и од Извршниот комитет за далечинско пливање, а во Светската пливачка федерација ФИНА Македонија е препознаена како една од само петте држави во светот во кои се организираат официјални трки во кои се организирааат официјалните трки за олимписката дисциплина пливање на десет километри, рече Заев изразувајќи надеж дека токму Македонија ќе биде домаќин и на единствената квалификациска трка на десет километри за следните Олимписки игри што ќе се одржат во Париз во 2024 година.
На стартот на трката се појавија 19 пливачи во машка и девет натпреварувачки во женска конкуренција. Тие на целта на кружната трка што се плива на патека пред хотелот „Метропол“ ќе треба да испливаат седум круга, а најдобрите пливачи на целта се очекува да пристигнат некаде околу 18 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.