Низ улиците на македонската престолнина в недела, на 4 октомври, по 16. пат ќе се одржи Виз Ер Скопски маратон. Директорот на трката, Кире Синадиновски на денешната прес-конференција кажа дека околу 1.500 тркачи ќе учествуваат во трите дисциплини.

Беше неизвесно дали ќе се одржи маратонот, но се големи напори успеавме да се подготвиме. Воведовме специјални протоколи за да се запази безбедноста на сите учесници и добивме дозвола од надлежните. Годинава ќе се трча во три дисциплини: маратон, полумаратон и штафетна трка. Пандемијата си го стори своето, па нема да има тркачи од Африка, туку само од Европа“, рече Синадиновски.

По традиција Скопскиот маратон е помогнат од Град Скопје.

Честитки до организаторите кои успеаја да изнајдат начин за одржување на безбедна манифестација. Град Скопје традиционално го помага маратонот и логистички и со финансиски средства. Им посакувам на сите безбедна трка и добри резултати, истакна градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

На прес-конференцијата присуствуваше и актуелниот македонски шампион Александар Кираџиев.

Очекувам квалитетна трка и покрај тоа што ќе ги нема натпреварувачите од Африка. Јас лично очекувам подобрување на резултатот и одбрана на титулата македонски шампион, потенцира Кираџиев.

Годинава ќе биде променето место на стартот и целта. Тркачите ќе тргнат и ќе пристигнуваат пред СЦ „Борис Трајковски“ поради поголемиот простор кој овозможува почитување на протоколот. На секои 10 секунди ќе тргнуваат по пет тркачи кои до самиот старт ќе носат маски, а исто така веднаш по пристигнувања на целта ќе мора да стават маски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.