Вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски информира дека до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција доставиле документација која оди во прилог на можни злоупотреби во Скијачката и во Боречката федерација, што неговиот Кабинет ја добил како преставки за работата на овие две спортски федерации.

Агенцијата за млади и спорт, пак, повела дисциплинска постапка против самостоен инспектор, кој ја испитува работата на овие две федерации поради тоа што, како што велат оттаму, постојат сериозни индиции за одредени пропусти при вршењето на инсепкцискиот надзор.

По анализа на претставките во врска со Боречката и Скијачката федерација веднаш побаравме од Агенцијата да биде спроведено детално истражување и на двата случаи и следствено на тоа да бидат преземени соодветни мерки. Притоа беа организирани неколку координативни состаноци со директорот, со другите претставници, со претставници во Владата, но и со подносителите на сите претставки се со цел да добиеме вистинска и реална слика на сето она што се случува во двете федерации, а преку тоа и сето она што се случува во финансирањето на спортот – изјави Николовски на прес-конференција.

Тој информира дека во пристигнатата документација информациите што ги добиле од подносителот на претставката против Боречката федерација има соодветни докази за можни злоупотреби и постоење на сомнежи за корупција и криминал – фалсификување на документи, непотизам, нетранспарентност, судир на интереси, недонесени прописи и низа други нерегуларности коишто ја поткопуваат работата на Федерацијата, но, како што рече, можни се и оштетувања на буџетот и на институцијата и на државата.

Претставката против Скијачката федерација која што беше доставена, исто така, до Владата се однесува на нерегуларности и незаконитости при избор на претседател на Скијачката федерација. Пропратната документација содржи и материјали и докази за фалсификување и злоупотреба на потписи на одредени лица од скијачките клубови, непочитување на одредбите од Статутот на Федерацијата за одржување на вонредно собрание за избор на претседател, можни злоупотреби на дејноста на одредени скијачки клубови и други активности. Од претставките што пристигнаа во мојот кабинет и од приложените документи јасно се гледа дека постојат нерегуларности во работата на федерациите кои треба да бидат промотори на спортот, но и беа констатирани или се констатирани пропусти и во делот на инспекциската служба – истакна Николовски.

Притоа, соред него, за илјадници евра буџетски средства, кои преку Агенцијата за млади и спорт им се доделени на овие федерации нема оправдување со фактури и соодветна документација, којашто е пропишана согласно законот како се трошат сите средства на граѓаните.

Ова е причина за иницијатива за одговорност во поглед на надлежностите што ги имаме и директорот на Агенцијата за покренување на соодветни дисциплински постапки, но и на институциите за покренување на сите останати постапки согласно Законот се со цел расчистување на сите овие случаи – изјави Николовски.

Тој нагласи дека секоја дополнителна документација што ќе биде доставена на увид ќе биде доставена до надлежните органи за откривање и сузбивање криминал, но и за, како што рече, испорачување на правдата се со цел спроведување на детална и целосна истрага од институциите согласно законските алатки.

Директорот на АМС, Наумче Мојоски, пак, информираше дека по поднесените претставки од Кабинетот на вицепремиерот и по направените анализи, Агенцијата за млади и спорт согласно својата надлежност поведела дисциплинска постапка против самостоен инспектор кој ја испитува работата на овие две федерации.

Ова го направивме од причини што постојат сериозни индиции за одредени пропусти при вршењето на инсепкцискиот надзор од страна на инсепкторот, од една и од друга страна. Така ќе се создаде можност да се расветлат евидентираните злоупотреби и нерегуларности во работењето на посочените федерации – изјави Мојсоски.

Тој истакна дека корупцијата во спортот е спречка за постигнување добри резултати.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.