Првиот човек на австралискиот тенис Крег Тајли изјави дека тоа што Новак Ѓоковиќ се пријавил за учество на Австралија опен не значи дека ќе игра на тој турнир.

Она што е објавено е генералниот список на учесници и по природа на работите секој влегува во списокот. Не е обврзувачка листа и не пишува кој точно ќе биде во главниот ждреб, кој доаѓа за неколку недели – изјави Тајли.

Австралиските медиуми во претходните денови пишуваа дека е можно Ѓоковиќ да побара медицинско ослободување за да може да настапи во Мелбурн без вакцината, но Крег Тајли ја отфрли таа опција.

Веднаш да биде јасно, никој не може да игра на Австралија опен ако не е вакциниран. Или двојна доза од вакцината или една од Џонсон и Џонсон, која исто така е одобрена. Единствената опција освен да се вакцинирате е да се натпреварувате доколку сте добиле оправдување за медицинско ослободување од австралиските власти. Сум видел извештаи во некои медиуми. Досега нема одобрени медицински исклучоци – изјави директорот на Австралија опен.

Конечно имаше образложение кој и по кој основ одлучува за посебни пропусници за невакцинирани лица.

Постои независен панел од медицински експерти кои разгледуваат примерок од барањето за изземање. Потоа оди на стручна комисија и тие ја носат одлуката. Јасно е дека меѓународните тенисери ги имаат истите услови како и сите што доаѓаат во Викторија и Австралија. Нема можност за никаков попуст во таа смисла, освен одобрениот медицински исклучок – објасни Крег Тајли.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.