Во недела, на 19 септември ќе се одржи осмиот по ред Велешки пливачки маратон. Стартот е во 10 часот пред ресторанот „Бела Вода“, а годинава ќе има четири пливачки трки во машка и женска конкуренција.
Првата трка е на 2500 метри за рекреативци и 2500 метри за членови на пливачките клубови од земјава до 14 години. Како новина годинава е пливачката трка за членови на пливачки клубови до 11 години кои ќе се натпреваруваат на 800 метри. Маратонот е со должина пет километри.
Годинава, заради безбедноста на пливачите, патеката е преполовена со тоа што ќе се плива истата километража, но со двојно повеќе кругови, а со што воедно и гледачите цело време ќе имаат преглед на трката – информира Роберт Папазов, член на организациониот одбор.
Безбедноста на пливачите ќе ја обезбедуваат 20 кајакари и 20 спасители на вода.
Досега се пријавени 30-тина пливачи, а сите заинтересирани можат да се пријават на Фејсбук страната на Велешки пливачки маратон.
На маратонот ќе присуствува и Томи Стефановски, најдобриот маратонски пливач, а во официјалната маратонска трка ќе учествуваат и македонските врвни пливачи Александар Илиевски и Евгени Поп Ацев.
Сите учесници и публиката ќе мора да приложат сертификат за примена вакцина против Ковид-19 или негативен тест.
Годинава Велешкиот пливачки маратон не е дел од македонскиот куп во далечинско пливање.
Велешкиот пливачки маратон го организира Здружението за спорт и рекреација „Клуб 28“ заедно со Кајак клубот „Бабуна“ и останатите кајак клубови од градот и Општинскиот Црвен крст Велес, под покровителство на Општина Велес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.