Ахмед Хафнауи ја креираше една од најголемите пливачки сензации во поновата историја на Олимпискитеи игри откако освои златен медал на 400 метари слободно.

Неверојатниот 18-годишен Тунижанец со ова го победи фаворизираниот Австралиец Џек Меклафлин, кој заврши втор и Американецот Киран Смит кој ја освои бронзата. Колку неговата победа е сензационална, доволно говори и фактот дека Хафнауи пливаше во најтешката, патеката број 8, односно дека едвај се квалификуваше во финалната трка. Тунижанецот заостануваше цела трка, но фантастично ги одработе последните 50 метри и надомести 40 стотинки заостанување во последната делница.

Хафнауи трката ја заврши со време 3:43.36, речиси две и пол секунди побрзо отколку во квалификациите и стана само третиот пливач во историјата кој освоил злато од патеката број 8. Ова е прво злато за Тунис во оваа дисциплина и трето пливачко во историјата.

„Едноставно не можам да верувам. Ова е остварување на соништата. Никогаш во животот не сум пливал подобро отколку сега. Го посветувам мојот медал на мајка ми, татко ми и сестрите. Сакам да бидат горди на мене“, изјави Тунижанецот по трката.

Хафнауи до минатата година беше рангиран надвор од 100-те најдобри пливачи на светот, а во Токио стигна како 17-ти пливач на листата на ФИНА.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.