Претседателот Стево Пендаровски, денеска на свечена церемонија во Кабинетот на Претседателот со „Медал за заслуги за Република Македонија“одликуваше 5 истакнати спортисти, великани и легенди кои оставија траен белег на спортските терени и дадоа огромен придонес за афирмација на македонскиот спорт и држава.
Претседателот Пендаровски со „Медал за заслуги за Република Македонија“ ги одликуваше Лазар Лечиќ, постхумно – Благоја Георгиевски Буштур, Владимир Богоевски, Насе Насев и Борче Костовски.
На церемонијата на доделување на медалите, во своето обраќање претседателот Пендаровски рече дека иако сме мала нација како број, можеме да бидеме горди на нашите врвни спортисти кои во индивидуалните и колективните спортови остварувале и остваруваат највисоки резултати. Честитајќи им на одликуваните, тој потсети на значењето на спортот за целата заедница, и за секоја индивидуа поединечно и порача врвните резултати и постигнувања на нашите спортисти и нивните тренери, да бидат поттик за сите млади да тргнат по нивните стапки и повторно да ја радуваат македонската нација.
Спортот е многу повеќе од физичка активност, игра или забава. Во спортот има и наука, и образование и воспитание и култура и уметност и естетика и филозофија. Врвниот спорт претставува глобален феномен кој привлекува милиони луѓе во целиот свет, генерира огромни финансиски ресурси, зазема централно место во медиумите, претставува составен дел од нашето секојдневие и како таков, наметнува модели на живеење и однесување. Едноставно, спортот е неизоставен дел од нашите животи, како активност која во себе содржи и драматика и триумфалност, но, во исто време и етика и фер плеј.
Иако сме мала нација како број, можеме да бидеме горди на нашите врвни спортисти кои во индивидуалните и колективните спортови остварувале и остваруваат највисоки резултати. Претходно веќе имав можност на дел од нашите освојувачи на највредни олимписки медали да им доделам највисоки државни признанија. Денес уште пет наши спортисти, спортски работници, тренери и селектори кои стојат зад успехот на натпреварувачите, ќе добијат медали за заслуги.
Како еден од најголемите и најпопуларни спортови на светско ниво, кошарката има богата традиција и популарност и кај нас. Едно од најзначајните имиња за развојот на македонската клупска и репрезентативна кошарка е секако нашата жива тренерска легенда Лазар Лечиќ. Со својата енергија и знаење за кошарката, а особено со својот препознатлив стил и лична харизма остави траен белег во историјата на македонскиот спорт.
Кога сме кај кошарката, не верувам дека има љубител на оваа динамична и возбудлива игра, кој не го знае името на Благоја Георгиевски – Буштур, кој, за жал, повеќе не е меѓу нас. Со својот вонсериски квалитет и луцидност во играта меѓу кошевите, Буштур ги достигна највисоките височини освојувајќи медали на најголемите натпреварувања. Денес со посебен пиетет постхумно му доделуваме Медал за заслуги.
Меѓу колективните спортови еден од најмасовните и најпопуларните е одбојката. Среќни сме како нација што го имаме нашиот спортски великан Владимир Богоевски кој беше играч од светска класа, успешен тренер и подоцна посветен спортски работник, освојувач на бројни медали, трофеи, награди и признанија. За сиот негов придонес за одбојкарскиот спорт и македонскиот олимпизам денес симболично му се заблагодаруваме со доделување на Медал за заслуги.
Освен великаните во колективните спортови, имаме особено значајни постигнувања и во индивидуалните спортови. Нашиот најуспешен спорт е борењето во слободен стил. Зад најголемите дострели на нашите борачи, меѓу кои и првиот освоен медал за независна Македонија на олимписките игри, стои името на долгогодишниот селектор Насе Насев. Со својата професионална работа и неуморен ангажман тој успеа да го издигне борењето во слободен стил, не само во најуспешен спорт меѓу боречките спортови, туку воопшто во сите спортски дисциплини. Не смееме да го заборавиме и неговиот долгогодишен ангажман и придонес во работата на Македонскиот олимписки комитет.
Со боречките спортови е врзан и нашиот најголем успех на олимписките игри како самостојна држава. Среброто на Дејан Георгиевски во Теквондо на Олимписките игри во Токио ја сплоти нацијата и ги израдува македонските граѓани. Најзаслужен за овој успех, за создавањето на македонскиот шампион е тренерот Борче Костовски, кој верувам дека допрва во иднина, со своите ученици ќе постигнува врвни резултати на големите натпреварувања и повторно ќе не прави горди.
Дозволете ми на крајот, уште еднаш да потсетам на значењето на спортот за целата заедница, и за секоја индивидуа посебно. Да спортуваме рекреативно и професионално и да градиме здрави животни стилови и навики. Посакувам врвните резултати и постигнувања на нашите спортисти и нивните тренери, да бидат поттик за сите млади да тргнат по нивните стапки и повторно да ја радуваат македонската нација, рече Пендаровски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.