Новак Ѓоковиќ и ден денешен го памети лошиот период од детството, посебно бомбардирањето на Србија далечната 1999 година.

Најдобриот тенисер во светот, во интервју со британскиот новинар Џеј Сети, за време на Мастерс турнирот во Мајами, признава дека како 12 годишно момче, се чувствувал очајно, но и дека тоа го направило посилен и го мотивирал да успее во животот.

Од 1991 година, па се до 2000 година, земјата беше под ембарго. Се боревме за парче леб и за млеко, за најосновните работи да преживееме. Потоа во 1999 година, Србија беше бомбардирана континуирано повеќе од два месеци. Тоа беше поразително и застрашувачки за нас, најлоша работа која некогаш ја имам видено – рекол Ѓоковиќ.

Тој се присети и на многуте невини луѓе кои загинаа во тоа бомбардирање, но и дека е благодарен што тој не настрадал од раката на агресорот.

На почетокот чувствував горчина, желба за освета за мојот народ. Прашував кои се тие кои бомбардираат невини луѓе, се сеќавам дека се криевме по подруми. Се сеќавам дека на 12 години, роденденот го прославив со пријателите играјки тенис. Пеевме роденденски песни, а јас јасно се сеќавам на авионите кои насекаде испуштаа бомби. Беше стравично, но со помош на родителите го пребродивме тоа – констатира Ѓоковиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.