Македонскиот маратонски пливач и светски првак Евгениј Поп Ацев денеска проба да го преплива каналот Ла Манш, но не успеа. Вели, иако е разочаран, сепак, среќен е што се обидел.

Иако последниве години имав проблеми со пливањето и со здравјето сепак се надевав дека ќе соберам сила и ќе можам. Имав голема желба и сила и добро пливав, но ладната вода ме победи т.е. го победи моето тело, кое отсекогаш лошо се справувало со ладна вода. Иако разочарувањето е големо и ќе ми треба подолг период да го пребродам овој неуспех, сепак сум среќен што пробав и собрав уште едно искуство (макар и лошо) и што ќе можам дома да се вратам жив и здрав. Многу сум благодарен на жена ми Алана, на Капетанот и тимот на бродот за големата помош и за брзата и правилна реакција за да не се случи нешто пострашно. Исто така, огромна благодарност до мојата фамилија, блиските и цела Македонија кои отсекогаш ме поддржувале и храбреле, поготово во вакви тешки моменти .
Тешки две години беа ова за мене што се однесува на пливањето и мислам дека ова најтешкиот момент, но и можеби најсилен знак. Премногу го сакам овој спорт и тешко ми е да се отргнам од него па некако ги игнорирав сите знаци и совети и повеќе го слушав срцето наместо телото и разумот да продолжам. Имам толку убави спомени, успеси, емоции, искуства и познанства, и тоа се додека ја претставував својата земја на светско ниво. Тоа е најголема чест и задоволство за еден човек и е најголемата убавина на спортот. За тоа ќе сум вечно среќен и задоволен што ја имам доживеано таа убавина без разлика што ќе донесе следниот ден, сподели Поп Ацев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.