Сè е подготвено за саботниот боксерски спектакл во Лондон меѓу светскиот првак, Британецот Ентони Џошуа (31) и предизвикувачот, Украинецот Олександр Усик.

Во оваа борба, Џошуа ќе ги брани титулите во тешка категорија во верзиите ВБА, ИБФ, ВБО и ИБО, а борбата што ќе се одржи на стадионот „Хотспар“ ќе биде пресметка и меѓу двајца поранешни олимписки шампиони. Британецот го освои златниот медал во супертешка категорија на Олимпијадата во Лондон 2012, додека Украинскиот боксер на истите Игри се закити со златното одличје во тешка категорија.

Џошуа претходно оваа година требаше да се бори против сонародникот Тајсон Фјури за обединување на сите пет титули во тешка категорија, но нивната борба во Саудиска Арабија не се одржа, откако американскиот суд му наложи на Фјури дека мора да ја испочитува клаузулата од договорот и по трет пат да се бори против Американецот Деонтај Вилдер за титулата во ВБЦ верзијата.

Украинецот Усик влегува во рингот против Џошуа со ефект од 18 професионални победи во исто толку настапи, од кои 13 со нокаут.

Меѓу Џошуа и Усик постои длабоко меѓусебно почитување, поради што прес-конференција во Лондон мина без вообичаеното лажно непрјателство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.