Во дуел на актуелните олимписки и светски шампионки (САД) против најдобрата женска репрезентација во Европа (Србија), Американките ја оправдаа улогата на фаворит и славеа со резултат 79:59.

Женската селекција на САД, на тој начин го продолжи триумфалниот чекор во меѓународните натпревари, во кои нема олимписки пораз од 1992 година, а последен пат загуби од Русија во полуфиналето на Светското првенство во 2006 година.

Американките освојуваа златни медали на шесте поселдни Олимпијади, а ако го повторат тој успех и во Токио, ќе се израмнат со своите машки сонародници како рекордери според бројот на последователни олимписки титули во некој колективен спорт, без оглед дали во машка или женска конкуренција.

На американските кошаркари тој успех им појде од рака во периодот од 1936 (кога првпат почна да се игра кошарка на Олимпијадите) до 1968 година.

САД во финалето (недела, 4.30 часот) ќе игра против подобриот од полуфиналниот дуел во кој во 13 часот ќе се сретнат Јапонија и Франција.

Олимписко финале во дуел против Србија изборија и американските одбојкарки.

Женската одбојкарска репрезентација на САД го победи актуелниот светски првак Србија со убедливи 3:0 во сетови (25:19, 25:15, 25:23) со што избори пласман во финалето на Олимписките игри во Токио.

Полуфиналната пресметка во Токио беше „реприза“ од полуфиналето од Олимпијадата во Рио де Женеиро во 2016 година, кога Србинките ги совладаа Американките со со 3:2.

САД овој пат се реваншираа и со триумфот над Србија ја продолжија серијата олимписки медали, по сребрените одличја во Пекинг 2008 и Лондон 2012, како и бронзата во Рио.

За златниот медал, Американките, в недела од 6.30 часот по средноевропско време, ќе се борат со победникот од второто полуфинале, во кое денеска од 14 часот играат Бразил и Јужна Кореја.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.