По освоениот сребрен медал на Дејан Георгиевски во натпреварите во теквондо на Олимписките игри во Токио, неговиот тренер, Дарко Костовски ја раскажа приказната за почетоците на олимпискиот вицешампион:
01.02.2006 тргнавме на првиот тренинг, брат ми напред јас по него, пред школото Св. Климент Охридски во Бутел имаше над 100 деца, се погледнавме и продолживме. Тој поглед ќе го памтам додека дишам!
Првата генерација даде се од себе, таа има важен дел во нашиот клуб, но за многу скоро, за две години постоење како клуб, Господ почна да носи малечки слатки дечиња со посебна енергија, еден по еден. Тоа беше генерацијата која тргна да го освои светот!
Деки дојде со брат му Коки (балкански сениорски шампион), дојдоа 2008, тогаш Деки имаше 9 годинки, нешто подоцна ни се приклучи и сестра му Анамарија (бронзен медал на светско јуниорско првенство). За многу кусо се приклучи и Филип (сениорски шампион на европско клубско првенство) и така полека доаѓаа Иван, Марко, Филип Цо, Марко …. тоа беше генерација за која што брат ми и јас цврсто верувавме дека ќе дадеме СЕ, за да испише македонска спортска историја.
Почнаа да победуваат се пред себе уште како пионери, станаа класни кадети, прераснаа во врвни спортисти, првиот голем медал ни го донесе Деки од европско првенство У21, го проби мразот и тргнавме кон височините.
➡️Велат три одличја го карактеризираат човештвото, нобелова награда, оскар и олимписки медал !
НИЕ ТРГНАВМЕ ПО ОЛИМПИСКИОТ СОН ❗️
Брат ми, кормиларот на бродот, често ќе ми кажеше: полека, се ќе биде со Господ.
15 години тренинг, најчесто два пати на ден, 15 години жртва, 15 години уживање, болка, пот, скршеници, радости, солзи, крв.
Над 200 меѓународни турнири, европски, светски првенства во Англија, Кореа, Канада, Русија, Аргентина, Австрија, Полска, Шпанија, Шведска, Латвија, Италија, Кипар, Тунис, Турција, Словенија, Србија, Хрватска, Грција, Бугарија, Албанија, Босна, Црна Гора, Романија….
Фала ви на сите што сте со нас.
Фала ти Господе за се, твоја е славата !
Иако ова сребро е златно, продолжуваме понатаму, да не се заборави, ние тешко отстапуваме од тоа што ќе наумиме, тргнавме по злато, ќе го донесеме !!!
ЗА МАКЕДОНИЈА ❗️❗️❗️
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.