Под посебни мерки и протоколи согласно насоките на Комисијата за заразни болести в недела 30 август, по четврти пат ќе се одржи спортската манифестација „Охрид трчаТ“.
Новонастанатите околности предизвикани од корона вирусот наметнаа посебни услови на организаторите така што оваа година бројот учесници е ограничен на 500 тркачи кои ќе бидат дел од двете трки низ улиците на Охрид. Првата трка е на пет километри и е за атлетичари, но и вљубеници во трчањето, ентузијасти, аматери за сите кои живеат со спортување секој ден, додека другата е полумаратонот на 21 километар и е вистински предизвик и за најподготвените.
Организаторот упати апел до учесниците да ги почитуваат мерките, протоколите и насоките, и на тој начин да демонстрираат одговорност пред себеси и пред останатите. Во таа насока на сите пријавени им е доставен официјален протокол по кој ќе мора да се придржуваат пред и после трката. Пред влезот за старт на главниот настан ќе биде направен и термален скрининг на учесниците.
Инаку, стартот на трките е од 7.30 на трката на 21 километар, односно 8.15 часот на петкилометарската трка, а во тој период в недела додека трае настанот за сообраќај ќе бидат затворени повеќе улици во централното градско подрачје.
Манифестацијата „Охрид трчаТ“ е организирана со цел да придонесе за развој на спортската и забавната понуда на Охрид, но и како поттик за економски раст преку развој на спортскиот туризам, проширување на туристичката сезона, промоција на природното и културно богатство на Охрид и Македонија. Истовремено преку настанот се поттикнува социјализацијата кај луѓето, се подигнува и развива свеста за здрави животни навики кај младите, што е препознаено од општеството со поддршката што манифестацијата ја има кај институциите и приватниот сектор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.