Денеска е последен ден од конкурсот каде што може да аплицираат идните потенцијални наследници на Васил Тупурковски, односно за нов Претседател на Македонскиот олимписки комитет. Луѓе кои би требало да го носат товарот за идните успеси на македонската олимписка селекција. „Република“, повикувајќи се на неофицијални информации пишуваше дека ова нема да биде битка на визија и идеја за развој на спортскиот олимписки комитет, туку борба за политичка контрола на власта во спортот. Еден од потенцијалните кандидати кој се зборуваше во јавноста беше Даниел Димевски, поранешен советник на премиерот Заев, но и познат на јавноста по скандалозното преземање на СРЦ Кале, за што се води и кривична постапка.
Вториот кандидат на Заев за иден предводник на олимпискиот комитет за кој се зборува низ кулоарите е актуелната Претседателка на Атлетската федерација на Македонија, Александра Војневска.
КОЈА Е ВОЈНЕВСКА – ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА АФМ?
Војневска е повеќе од една година на чело на Атлетската федерација, инаку позната како Претседател на федерација кој има блиски конекции со кабинетот на Заев, преку нејзини блиски роднини, но и блиски конекции со Агенцијата за млади и спорт, преку Советот за спорт, каде што е член на Советот и Претседател на Советот за спорт.
Она што беше помалку познато за јавноста, а сега се погласно се зборува е што Војневска, како Претседател на Советот за спорт при АМС, со распределбата на средства за федерации на Атлетската федерација и доделила над 18 милиони денари во период од една година. Во период пак од три години, од нејзина страна на АФМ се дадени над 23 милиони денари.
Дали ова е согласно етичките и моралните начела, како и правните начела на функционирање на АМС и спортските федерации оставаме да судат граѓаните и надлежните, но очигледно е дека била сериозно форсирана и привилегирана Атлетската федерација со сума над 18 милиони денари за само една година.
Ова е второто име кое кружи низ кулоарите како желба на Зоран Заев за наследник на Тупурковски, а дали и како ќе биде крајниот исход оставаме да покаже времето.
Конкурсот за избор завршува денес, а веќе во понеделник е Собранието на МОК кое треба да го изгласа идниот водач на МОК. Дали овој пат ќе се фрли сериозна дамка во изборот на претседателот на МОК каде што замешала прсти политиката и власта, останува да видиме веќе во понеделник.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.