Последен од низата скандали во Пливачката федерација на чело со Александар Маленко е случајот со младиот пливач на ПК Вардар, Никола Ѓуретановиќ, кој од засега непознати причини не доби спортска стипендија од Агенцијата за млади и спорт, односно беше изоставен иако се најде на списокот.
Тринаесетгодишниот пливач важи за еден од најголемите македонски таленти, а за тоа најдобро говорат четирите државни рекорди кои ги собори изминатиот период. Покрај тоа што беше прогласен за најдобар пливач во категориите пионери и кадети, Ѓуретановиќ пред само три месеци постави нов државен рекорд на 200 метри мешано, а исто така е рекордер на 800 метри слободен стил. Исто така, за стипендии беа изоставени уште две наши пливачки кои со своите резултати заслужија награда, а тоа се Софија Дамјанова и Јана Милковска.
За дневниот весник ВЕЧЕР, младиот член на Вардар и неговиот тренер Горан Стаменов, решија да проговорат за сите неправди кои им се случија изминатиов период.
Разочаран сум, бидејќи сум многу подобар од сите пливачи во мојата генерација, па дури и од пливачите во повозрасните категории. Не ми е премногу пријатно да зборувам, но во одредени моменти си го поставував прашањето: „Зошто воопшто пливам?“. Сепак, оваа неправда ќе биде дополнителен мотив за мене и нема да престанам со тоа што најдобро го знам, а тоа е пливањето. За среќа, во последен момент се најде човек кој реши лично да ме стипендира, откако прочитал за неправдата која ми ја нанесоа, започна да раскажува младиот Ѓуретановиќ.
Тренерот Горан реши во детали да го објасни целиот проблем со кој се соочиле заедно со Никола, односно зошто младиот пливач беше исфрлен од листата за стипендисти.
Нашата федерација е во тотален хаос. Меѓутоа, сега, има некои нови преписки кои траат веќе четири години, откако дојде Александар Маленко на чело на федерацијата. Според него, ако не сме со него, тогаш децата од некои клубови не треба да земат стипендија. Во тој список што излезе за стипендисти, има дечиња кои заслужуваат стипендија, но има и пливачи кои се далеку послаби од Никола. Веќе подолго време поголемиот дел од клубовите не ја поддржуваат работата на Маленко, односно знаат која е вистинската насока за федерацијата да стане стабилна, затоа, во наредниот период се надеваме дека ќе биде како што треба, додаде тренерот на Ѓуретановиќ.
Целото интервју ТУКА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.