Синоќа, на 64-годишна возраст почина познатиот кошаркарски тренер Драган Василов-Цевка.

Тажната вест доаѓа од Маврово, каде што Василов учествуваше на кампот за млади кошаркари во организација на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ)

По синоќешниот тренинг, на Василов му се слошило по што биле залудни сите обиди тој да биде спасен. Според првичните информации, станува збор за масивен срцев удар.

Популарниот Цевка над три децении, со мали прекини, работеше како тренер на млади играчи и важеше за веројатно најдобриот „ловец на таленти“ во македонската кошарка. Низ неговите раце поминаа бројни познати кошаркари и македонски репрезентативци, пред сè од школата на Работнички, како Перо Антиќ, Емил Рајковиќ, Ѓорѓи Чековски, Александар Јончевски, а во младинските селекции и Димитар Мираковски, Златко Гоцевски, Кирил Павловски…

Во 1999 година беше селектор на кадетската репрезентација на Македонија која го освои шестото место на Европското првенство во Словенија, што досега е втор најдобар пласман на една македонската младинска селекција, по четвртото место во 1995 година. По заминувањето од Работнички, во тоа време на срамен и принуден начин, работеше во уште неколку клубови како Торус СЦБТ, Партизан Водно Санс, Јуниор и Феникс 2010.

Смртта го затекна како претседател на Тренерската комисија при Кошаркарската федерација и еден од лидерите на младинскиот камп кој се одржуваше во Маврово, во ко-организација на КФСМ и ФИБА.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.