Женската кошаркарска репрезентација до 16 години, која во Крива Паланка ги одработува подготовките за настап на ФИБА „Челенџер“ во Грузија, одигра два контролни пријателски натпревари со соодветната репрезентација на Бугарија.

Првиот се одигра синоќа во спортската сала „Бранители 2001“, а вториот денеска, при што нашите кошаркарки забележаа една победа и еден пораз.

Девојчињата покажаа карактер и одиграа добар натпревар синоќа, знаејќи дека репрезентацијата на Бугарија е на многу високо ниво, како и воопшто во кошарката. Во еден период од натпреварот имавме и двоцифрена предност, сепак, победникот се решаваше во последните минути. Првиот дуел заврши со резултат 65:63, додека денес имавме сосема друга слика, бевме поразени од Бугарија со 74:55. Во секој случај, ова се контролни средби а до почетокот на првенството имаме уште десетина дена подготовки, во кои ќе ги доусовршуваме потребните тактички планови – изјави селекторот Никола Златев.

Европскиот ФИБА турнир во Тбилиси ќе се одржи од 9 до 14 август 2021 година, а избраничките на Златев се во група со домаќинот Грузија, Албанија, Ерменија и Малта.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.