Шпанската репрезентација е прв финалист на Светското кошаркарско првенство во Кина, откако попладнево во драматичен дуел по две продолженија ја победи Австралија со 95-88 (22-21, 10-16, 19-18, 20-16, 9-9, 15-8).

Во финишот на основните 40 минути двете репрезентации имаа шанса за победа. Најпрво Шпанците дојдоа до поен предност на 8,7 секунди пред крајот, а на пет секунди пред звукот на сирената Австралијците реализираа само едно од двете слободни фрлања и натпреварот отиде во продолжение.

По изедначените први пет минути, во второто екстра време шпанската селекција беше подобра и се избори за финале. Австралија за прв пат во својата историја ќе игра за медал (бронза) на Светското првенство.

Противник на Шпанија во финалето ќе биде победникот на натпреварот Аргентина – Франција, додека поразениот оди на Австралија.

Финалето и натпреварот за третото место ќе се одиграат в недела во Пекинг.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.