Финалистот во НБА финалето од мината година, Мајами хит загуби во својот прв натпревар од новата сезона. Подобар од „жешките“ беше нивниот сосед од Флорида, Орландо меџик, кој славеше со резултат 113:107.

„Магичните“ до триумфот дојдоа со колективна игра во која петмина имаа двоцифрен учинок, сите над 15 поени. Најефикасен беше Еван Фурние со 25, Ерон Гордон постигна 20, Теренс Рос 19, а Никола Вучевиќ и Маркел Фулц по 15.

Кај Мајами најдобри беа Бем Адебајо со 25 поени и 11 скокови, Горан Драгиќ со 20 поени и седум асистенции, и Џими Батлер со 19 поени и седум асистенции.

МВП-то промаши слободно за пораз

Вистинска драма се случуваше во дербито на Источната конференција, во кое Бостон селтикс го совладаа Милвоки бакс со 122:121. Трагичар на натпреварот беше актуелниот двократен најкорисен кошаркар во лигата, Јанис Антетокумпо, кој на 0,4 секунди до крајот утна слободно фрлање за продолжение.

Со тоа промашување Јанис фрли темна дамка на одличниот настап што го заврши со 35 поени и 13 скокови. Покрај него во поразената екипа одлични беа и Крис Мидлтон со 27 и Џру Холидеј со 25 поени.

Во редовите на Бостон Џејлен Браун имаше 33, Џејсон Тејтум 30, а Џеф Тиг 19 поени.

Ковид ги сопре Хјустон и Оклахома

На втората вечер од новата сезона се случи и првиот откажан натпревар поради Ковид-19. Пред натпреварот голем број кошаркари во екипата наХјустон беа позитивни или во контакт со позитивен соиграч, поради што „ракетите“ немаа доволно играчи за да го одиграат дуелот.

Останати резултати

Кливленд – Шарлот  121:114

Индијана – Њујорк  121:107

Филаделфија – Вашингтон  113:107

Торонто – Њу Орлеанс  99:113

Чикаго – Атланта  104:124

Мемфис – Сан Антонио  119:131

Минесота – Детроит  111:101

Денвер – Сакраменто  122:124 (прод.)

Портланд – Јута  100:120

Феникс – Далас  106:102

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.