Актуелниот кошаркарски шампион на Македонија, МЗТ Скопје Аеродром, најави дека неговите кошаркари во иднина нема да настапуваат за македонската репрезентација. Ваквиот став на МЗТ доаѓа како одговор на одбивањето на Кошаркарската федерација да покрие дел од обесштетувањето за петмина играчи, кои се повредија при настапи во националниот дрес.

Клубот во реакцијата истакнува дека при репрезентативните настапи во мундијалските претквалификации се повредиле Адем Мекиќ, Дамјан Робев, Бојан Крстевски, Кристијан Николов и Андреј Андоновски и пропуштиле поголем дел од клупските подготовки за новата сезона, која почнува за две недели.

На нашето барање за покривање на дел од нашата штета со активирање на полисата за осигурување, која е задолжителна пред секој настап на репрезентацијата, добивме само арогантен одговор дека сме задоцниле и тоа за неколку дена, иако претходно, во ниту еден момент, како клуб што дава најголем број репрезентативци изминатава деценија, ниту еднаш не сме биле информирани за нашите права и не ни била презентирана процедурата која е потребна да се следи во вакви ситуации … Затоа, МЗТ Скопје Аеродром во иднина нема да им дозволи на своите кошаркари да се јават на повикот на селекторот, сè додека од Куќата на кошарката не ни биде презентирана осигурителната полиса која во целост би ја надополнила нашата штета во вакви ситуации – соопштија актуелниот македонски шампион.

Од клубот ги повикуваат и сите прволигашки екипи кои даваат кошаркари за националната селекција да застанат во одбрана на своите права, „затоа што, како што велат, тоа што му се случило на МЗТ летово, утре би можело да им се случи и на нив“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.