Екипата на МЗТ Скопје направи голем подвиг, се издигна како феникс и покрај сите проблеми славеше над Куманово (94-93) во четвртфиналната „мајсторка“, па следи пласман меѓу најдобрите четири и дуели со битолски Пелистер во рамки на полуфиналето.
Аеродромци се најдоа во голем проблем на овој натпревар, откако останаа пократки за неколку кошаркари. Имаше исклучувања, технички грешки, тензија, жар… а сметката за тоа повеќе ја платија „штрковите“ затоа што неколку првотимци предвреме го завршија мечот. Куманово беше на работ на огромна победа во Аеродром, но серијата од 12-2 на МЗТ во финишот донесе продолженија, во кои поуспешни беа домашните во чиј дрес царуваше Феми Олуџоби.
МЗТ подобро тргна во натпреварот, во еден момент имаше и девет поени предност (15-6), ама по мала пауза Куманово се врати лесно во натпреварот, изедначи на 15-15 и потоа се беше игра на нерви. Се играше претежно поен за поен, а пред крајот на првото полувреме поради важноста на натпреварот зовреа страстите и пукна голем инцидент, по кој исклучени беа еден кошаркар од Куманово и двајца од МЗТ.
Андрејевиќ го напушти теренот поради удар врз Стојановски, а по него заминаа и Мекиќ и Николов кои во моментот на инцидентот не беа во игра, ама влегоа на терен и имаа учество. По одлуката на судиите досудена беше и техничка грешка за клупата на МЗТ по која Марковски погоди две слободни фрлања и полувремето заврши со водство на Куманово од 41-39.
Натпреварот и по полувремето продолжи како што застана на полувремето. Стана и игра на нерви, а Куманово во последниот квартал зададе удар откако профункционира шутот за три и Црниќ со тешка тројка донесе 69-72 за гостинот во СЦ „Јане Сандански“. Проблем за МЗТ беше што се повреди Карачиќ, Магдевски дојде до бројката од пет лични грешки, а Бојиќ не функционираше во рекетот.
На четири минути, Црниќ даде нова тројка, за 69-77. Тренерот Радуловиќ имаше проблем да состави надворешна линија на тимот на МЗТ, па тешко „штрковите“ возвраќаа во натпреварот. Куманово со поени на Џекиќ ја комплетира серијата од 0-10, обезбеди висока залиха на влезот во последните две и пол минути (69-79). Два нереализирани напади на Куманово го вратија МЗТ на „минус пет“ (76-81) на 100 секунди пред крајот, а потоа Олуџоби по една долга акција ја постигна првата тројка на мечот, за два поени негатива (79-81). Ѓорѓиевски веднаш повика тајм-аут, но Марковски пак не реализира, па Олуџоби на 12 секунди изнуди две слободни фрлања и изедначи (81-81). Последниот збор го имаше Куманово, но не погоди и следеа продолженија.
Во додатното време Куманово имаше огромен проблем затоа што ги немаше високите Џекиќ и Глигоријевиќ и Андрејевиќ, поради исклучувања. Екстра-времето феноменално го отвори Феми Олуџоби со две тројки (87-81), а Куманово потоа константно бркаше. Но, Американецот беше во елемент, потоа даде нови важни поени и ја „заклучи“ победата за МЗТ.
Извор: гол.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.