Првата ѕвезда на Лос Анџелес лејкерс, Леброн Џејмс беше исклучен на натпреварот со Детроит, откако на девет минути до крајот на третата четвртина намерно со лактот го удри во лице центарот на Детроит пистонс, Ајзеа Стјуарт.

Ударот се случи по борба за топка по едно слободно фрлање. Стјуарт доби исеченица на аркадата по што тргна физички да се пресметува со Леброн, но беше задржан од соиграчите и безбедносните служби.

По инцидентот, Стјуарт отиде во соблекувалната да го бара Леброн и да се пресмета со него, а вработените во арената ги замолија гледачите да останат на своите места.

Инцидентот ги врати сеќавањата на најлошата тепачка во историјата на НБА, кога токму во Детроит во 2004 година Рон Артест, Џермејн О’Нил и Стивен Џексон од Индијана пејсерс се степаа со неколку домашни навивачи.

Ова е второ исклучување во кариерата на Леброн Џејмс. Во 2017 година тој беше исклучен поради расправија со судиите.

На крајот Лејкерс го добија натпреварот со 121:116.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.