Во последниот натпревар од „балонот“ на Златибор, МЗТ Скопје Аеродром беше подобар и од домаќинот (90:71) во АБА2 лигата. По овој триумф, металците се враќаат дома во Скопје, а уште од претходно веќе е обезбеден настапот во плеј-офот.

Противникот во текот на мечот имаше и предност од 16 коша разлика (30:14) на почетокот од втората четвртина, но играчите на тренерот Дарко Радуловиќ направија комплетен пресврт.

Најефикасен во триумфот беше Крстевски со 25 поени, следен од Николов со 18 поени (пет асистенции), а на спротивната страна за српската екипа од Чајетина доминираше Митровиќ со 20 поени, два помалку имаше Кутлешиќ.

„Штрковите“ го завршија настапот на овој „балон“ со ефект од две победи и еден пораз, за вкупен ефект од осум победи и пет порази во регуларниот дел од регионалното натпреварување. За кое место ќе биде доволен, ќе биде познато по одигрувањето на двата последни меча на Златибор.

Едниот за неколку часа (од 17.00 часот), кога нашиот втор претставник, Работнички ќе ги одмери силите со екипата на Слобода Ужице, а турнирот ќе биде затворен со дуелот Студентски центар-Подгорица (21.00 часот).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.