Исклучувањето на Никола Јокиќ предизвика вистински скандал во НБА. Српскиот кошаркар предвреме го заврши натпреварот против Мајами хит, кога со рамо го удри Маркиф Морис во грбот, откако претходно играчот на Мајами со лакт се залета во него.

По инцидентот, Морис остана да лежи на паркетот, а и двајцата добија исклучување.

Сепак, скандалот го разгори соиграчот на Морис, Џими Батлер, кој извикуваше навреди и закани за Јокиќ и отворено го повикуваше на физичка пресметка во соблекувалната.

Таквата реакција на Батлер, предизвика огромен број реакции на социјалните мрежи, меѓу кои голем број шеговито му советуваа на Батлер да не се закача со Јокиќ за да нема проблеми со неговите браќа.

Еден корисник на Твитер дури и објави фотографија од браќата на Јокиќ, кои станати од своите седишта внимателно го следеа случувањето на теренот подготвени да реагираат доколку работите излезат од контрола.

Браќата на Јокиќ подготвени да влетаат на терен – напиша корисникот како опис на фотографијата.

Браќата на Јокиќ со години живеат во близина на нивниот брат и се грижат за неговата кариера.

Тие беа актуелни минатата сезона кога во полуфиналето на Западната конференција против Феникс санс, малку недостасуваше да влетаат на теренот кога нивниот брат се најде во центарот на една турканица со противничките кошаркари.

Во едно интервју, соиграчот на Јокиќ во Денвер, Мајкл Портер јуниор изјави дека му изгледаат како мафијаши кои секој втор натпревар сакаат да се тепаат со некого.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.