Фудбалерот на Милан Златан Ибрахимовиќ себе си се прогласи за крал на Шведска по победничкото враќање во националниот тим.

Шведска ги започна квалификациите за Светското првенство со победа над Грузија од 1:0. Стрелец на единствениот погодок беше Виктор Класон, по асистенцијата на Ибрахимовиќ, кој по пауза од пет години повторно го облече националниот дрес.

Крал на Шведска е Карл XVI Густаф, а Ибрахимовиќ се избра себе си за негов наследник.

„Карл XVII Густаф, со „З“, како Златан“, напиша Ибрахимовиќ на социјалните мрежи, со фотографија со Класон.

Ибрахимовиќ по мечот напиша дека иако е во поодминати години се чувствувал одлично на теренот.

„Се трудев да го дадам најдоброто од себе за да им помогнам на соиграчите“, изјавил тој на конференцијата за новинарите.

Тој беше во центарот на вниманието на јавноста и минатата недела откако себе си се нарече Господ. Своето враќање во репрезентацијата на 16 март, го најави како враќање на Господ.

Репрезентацијата на Шведска во наредниот меч од квалификациите за Светското првенство, ќе му гостува на Косово в недела, а три дена подоцна ќе одигра пријателски натпревар против Естонија на домашен терен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.