Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) Муамед Сејдини денеска им ги врачи билетите за Европското првенство на вработените од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, кои организирано ќе ги следат натпреварите на македонската репрезентација на ЕУРО2020.
Здравствените работници беа во приораитетнат група на лица, кои електронски аплицираа преку ФФМ за купување билети за ЕУРО2020, а дополнително, на медицинскиот персонал преку Министерството за здравство ќе им бидат овозможени влезници за натпреварите на македонската репрезентација.
Изминатите речиси две години, едноставно, живеевме во време и моменти кои не потсетуваат дека здравјето на луѓето е најважно. Јасно ми е дека ова е премалку, но чувствувам потреба на медицинскиот персонал на скромен начин да им се оддолжиме за пожртвуваноста и трудот што го вложуваат за да нè заштитат сите нас. Да им ја искажеме нашата почит за нивната работа и да покажеме дека сме општество што цени вистински вредности, изјави претседателот на ФФМ, Сејдини на денешната средба со вработени во Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Во име на здравствените работници, главната сестра на Клиниката за инфективни и фебрилни состојби Габриела Темелковска изрази благдарност до ФФМ, оценувајќи дека станува збор за „голем гест достоен за почит“.
Благодарни сме на Федерацијата, како и за поддршката која фудбалерите и спортистите ја искажуваа за здравствените работници во изминатиот период. Дел од вработените во нашата клиника организирано ќе патуваат во Букурешт и со цело срце ќе ја бодрат македонската репрезентација. Ова е начин и ние да возвратиме на поддршката која нас ни ја даваа фудбалерите во исклучително тешкиот период за сите, истакна Темелковска на приемот во седиштето на ФФМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.